НАГРАДЕНИ НАЈДОБРИТЕ ВОЛОНТЕРИ ВО ОПШТИНА БИТОЛА
Локалниот совет за волонтерство на општина Битола (ЛСВ), ја додели наградата за волонтерски ангажман во локалната заедница за 2024 година, по повод 5 декември – Меѓународниот ден на волонтерите. Целта на доделувањето на оваа награда е да се поттикне и промовира волонтерството во Битола, да се зголеми видливоста на волонтерите и позитивните волонтерски практики и да инспирира понатамошно унапредување и развој на волонтерството на локално ниво. Наградата е од големо значење за признавање на граѓанскиот ангажман во подобрување на животот во локалната заедница.
Добитници на наградата оваа година според категориите се: за волонтерска организација – ОО Црвен Крст Битола – Клуб на млади за волонтерската акција „Мини Олимпијада 2024“ и за волонтер поединец – Филип Етмишовски.
Наградите ги доделиja Претседателот на ЛСВ Златко Талевски и Виолета Налевска од општина Битола.
Претседателот на ЛСВ Златко Талевски истакна дека преку промоција на успешни волонтерски акции, иницијативи и поединци волонтери, се оддава признание за практикување на сите позитивни волонтерски вредности како што се помагање, солидарност, емпатија и активен придонес кон решавање на проблемите во локалната заедница.
Образложение за волонтерските успеси на добитниците на наградата:
Волонтерска организација: Основната организација на Црвен Крст – Битола (Клуб на млади) за организација на волонтерската акција „Мини Олимпијада на Црвен крст 2024“.
Олимпијадата броеше над 450 учесници од сите возрасти, сите активности се одржуваа на територија на Град Битола, во соработка со Општина Битола и партнерите од корпоративниот сектор. Волонтерите организираа натпревари во мал фудбал, ракомет, баскет, одбојка, пливање и атлетика. Целокупната организација на настанот беше од страна на волонтерите на Клубот на млади при ОО на Црвен Крст – Битола.
„Поттикнати од Олимписки игри во Париз, а воедно мотивирани од огромната желба во нас да создадеме хуманитарен настан, цела недела се играа натпревари од различни спортски дисциплини каде како играч можеше да учествува секој од Вас кој сака да го разбуди она хуманото во себе. Котизацијата беше симболична од 100 денари на натпреварувач, а собраната сума беше донирана на ЈЗУ Клиничка Болница „Др. Трифун Пановски“ – Битола “. До наредната олимпијада, која ќе се одржи за две години, се надеваме дека духот кој го раширија нашите волонтери ќе се издигне повисоко, за да можеме да направиме уште помоќна, уште похумана олимпијада – порачуваат од ОО Црвен Крст Битола.
Волонтер поединец: Филип Етмишовски – номиниран од Здружението за култура и уметност „Бабец театар“ – Битола поради неговиот долгогодишен волонтерски ангажман во организација на Интернационалниот театарски фестивал „Битолино“ – Битола. Тој активно волонтира од 4-тото издание на фестивалот од 2014 година заклучно со последното 13-то издание во 2024 година. Од 2016 година Филип е и координатор на волонтерите. На фестивалските изданија во 2023 и 2024 година мобилизираше и координираше рекорден број на волонтери при што околу 60 ученици и студенти волонтираа на фестивалот. Со својот вкупен волонтерски ангажман и работа со волонтери на полето на културата и други младински инцијативи, Филип е пример за позитивни волонтерски практики и инспирира понатамошно унапредување и развој на волонтерството на локално ниво.