На Комисија шест гласања, на Совет една точка: Советот расправаше за пожарите во Мариово

Синоќа се одржа 19. вонредна седница на Советот на Општина Прилеп, со една единствена точка на дневен ред – „Информација во врска со состојбата со пожарите на територијата на Општина Прилеп, регионот Мариово, со предлог-заклучоци и преземање на итни мерки и активности“.

Советниците ја разгледаа информацијата за актуелната состојба со пожарите во Мариово, особено во реонот на село Чаниште, како и расположливоста на човечките и материјалните ресурси за справување со пожарите.

Но, уште на почетокот на седницата се отвори прашање кое остана без конкретно објаснување.

Советникот Жарко Стеваноски посочи дека уште еден ден претходно побарал на советниците да им биде доставена Програмата за заштита и спасување, донесена од Советот на Општина Прилеп во 2015 година. Според него, документот им бил потребен за да можат да развијат поквалитетна и посуштинска дискусија за актуелната состојба со пожарите.

Одговорот што го доби беше дека за пристап до документот е потребен безбедносен сертификат.

Со тоа на седницата остана една прилично апсурдна ситуација – документ што го донел самиот Совет на Општина Прилеп, денес да не им биде достапен на советниците без безбедносен сертификат.

Дополнително, беа поставени прашања како е класифициран документот, односно по кој основ за негов увид е потребен безбедносен сертификат. На ова прашање, како што се слушна на седницата, не беше даден конкретен одговор.

По ова, седницата продолжи со разгледување на информацијата за пожарите и предложените мерки.

Информацијата ја поднесе градоначалникот на Општина Прилеп, во својство на командант на Општинскиот кризен штаб, а со неа беа предложени конкретни мерки за мобилизација на општинските ресурси, финансиска и логистичка поддршка, координација со полицијата и другите надлежни институции, како и следење на штетите на терен.

Интересно е што предлог-заклучоците претходно биле разгледувани на Комисијата за елементарни непогоди, каде што секој од нив бил ставен на гласање одделно. Пред Советот, пак, сите заклучоци биле обединети во една точка и ставени на гласање како целина.

На Комисијата, усвојувањето на самата Информација било поддржано со 3 гласа „за“ и 1 „против“.

Предложената мобилизација на општинските ресурси била усвоена со 4 гласа „за“. Со неа се предвидува ставање на располагање на целокупната расположлива тешка механизација, опрема и човечки ресурси од јавните претпријатија, меѓу кои ЈКП „Комуналец“, ЈП „Водовод и канализација“ и ЈП за ПУП, како и директна логистичка поддршка на Територијалната противпожарна единица – Прилеп.

Со 4 гласа „за“ била усвоена и мерката за финансиска и логистичка поддршка. Општина Прилеп треба да обезбеди гориво, односно нафта за ангажираната механизација, како и храна и вода за пиење за сите ангажирани лица и екипи на терен.

Во делот на координацијата со полицијата, Комисијата ја прифатила информацијата од МВР, Полициска станица Прилеп, за ангажирањето полициски службеници на терен, патролите, обезбедувањето и евентуалната евакуација на населението.

Со предлог-заклучокот се бара надлежните органи во најкраток рок да ги утврдат можните сторители на пожарите и, со помош на граничната полиција, да преземат соодветни мерки и да поднесат соодветни пријави. И овој заклучок бил поддржан со 4 гласа „за“.

Комисијата го разгледала и мониторингот на штетите. Според информацијата, досега се зафатени околу 32 хектари, претежно пасишта и неуредена шума, а предвидени се дополнителни теренски проверки во правец на Маргара и Крушевица. Овој заклучок бил усвоен со 3 гласа „за“ и 1 „против“.

Последниот заклучок се однесувал на институционалната координација. Од ЦУК и ДЗС се бара поактивно теренско присуство, директна координација и помош со ресурси. Воедно, граѓаните се потсетуваат дека во итни ситуации можат да го користат телефонскиот број 112 за пријавување.

И овој заклучок бил усвоен со 4 гласа „за“.

На седницата на Советот, сите овие предлог-заклучоци биле ставени на гласање заедно, како една точка. По расправата, советниците го усвоија пакетот со 17 гласа „за“, 3 воздржани и 1 глас „против“.

Со тоа Советот ги донесе заклучоците за постапување во услови на пожарите во Мариово, со кои се предвидува мобилизација на општинската механизација и човечки ресурси, обезбедување гориво, храна и вода за ангажираните екипи, координација со полицијата, следење на штетите и засилена институционална координација со ЦУК и ДЗС.

Но, остана и прашањето од почетокот на седницата: ако Програмата за заштита и спасување е донесена од самиот Совет на Општина Прилеп, зошто советниците немаат пристап до неа без безбедносен сертификат и, пред сè, по кој основ документот е класифициран на начин што таков сертификат е потребен? На седницата не беше даден конкретен одговор на ова прашање.

Слични Објави