МЛАДИТЕ ОД БИТОЛА И КРИВА ПАЛАНКА ЗА ПОДОБРО ОПШТЕСТВО
МЛАДИТЕ ОД БИТОЛА И КРИВА ПАЛАНКА ЗА ПОДОБРО ОПШТЕСТВО – ОДРЖАНА ЗАВРШНА РАБОТИЛНИЦА НА ПРОЕКТОТ „ЗАЕДНО“ ВО КРИВА ПАЛАНКА
Ентузијазмот и креативноста на младите, секогаш се вистинска инспирација за напредок и развој на прогресивни идеи. Токму ваквиот пристап на проектот „Заедно“ во изминатиот деветмесечен период на несекојдневен начин резултираше со вмрежување на младите од Пелагонискиот и Североисточниот регион, мотивирајќи ги да ги истражуваат културните специфики на различните подрачја во кои живеат, да соработуваат и користејќи ги иновативните алатки, да творат и инспирираат.
На последната работилница која се одржа во Градскиот музеј во Крива Паланка, над 50 учесници од различни националности, Македонци, Албанци, Роми, Турци, Бошњаци, Власи, преку интерактивност се едуцираа на тема „Промоција на заедништвото, историски импути во денешницата, градење врски и соработка“.
Завршната работилница на Проектот „Заедно“, вклучуваше едукативна работилница за материјалната и духовната култура на заедниците преку презентација на карактеристичните етнички белези некогаш и сега, а се разговараше и за историјата која треба да претставува поука за денешнината. Исто така, посебен акцент беше ставен на традицијата која ги зближува заедниците и придонесува за прогресивност без дискриминација и зголемена меѓусебна толеранција кон постигнување на подобри резултати во општеството. Од страна на младите беа истакнати и позитивни примери на меѓуетничка толеранција која е вистински начин за реализација на успешни активности од секој поединец во државата. Токму така, преку надминување на разликите, квалитетот, знаењето и напорната работа, може да донесат позитивни резултати за подобар живот, мир и толеранција, каде единствениот начин на спротивставување на ставовите се вика дебата, а не конфликт.
Младите, предводени од страна на обучувачот Наталија Милковска – кустос етнолог во музејот, имаа можност и за Факултативна прошетка низ поставките на музејот и галеријата во Крива Паланка: Етнолошка, Историска и Археолошка.
Како завршна активност од овој проект, со активно учество на младите од Битола и Крива Паланка, изготвен е видео материјал, преку кој се пренесуваат позитивните искуства и младинските предлози и иницијативи за градење доверба и соработка. Истиот наскоро ќе биде достапен за јавноста.
Проектот „Заедно“ се реализира од страна на Здружението за истражување на пазарот на труд во функција на мултиетничка толеранција ПРОФИЦИО Скопје, во соработка со Здружение за регионална соработка „22 Нентори“ од Битола и Кластер за туризам од Крива Паланка, а го овозможува регионалниот проект „Подршка од ЕУ за градење доверба на Западен Балкан“, којшто го финансира Европската унија и го спроведува Програмата за развој на Обединетите нации(УНДП).