Македонија стартува против Данска – Ракометен Јануари
Со синоќешниот старт на Европското првенство во ракомет, јануари уште еднаш е во знакот на ракометот. Континенталниот шампионат се одржува во Данска, Норвешка и Шведска, а македонската репрезентација и овојпат е дел од европската елита.
Македонија настапува во Група Б, заедно со селекциите на Данска, Португалија и Романија. Станува збор за исклучително тешка група, во која апсолутен фаворит е актуелниот светски првак Данска, која воедно е и еден од домаќините на првенството.
Иако македонската селекција влегува во шампионатот со улога на аутсајдер, амбициите и борбениот дух не изостануваат. „Црвено-жолтите“ најавуваат максимална борба и настап без бело знаме.
Вечерва, со почеток од 20:30 часот, Македонија го игра првиот натпревар на првенството против фаворизираната Данска.



