(видео) Промоција на романот „Сенки“
Синоќа, во градската библиотека „Борка Талески“ во Прилеп, се одржа промоцијата на романот „Сенки“ од Ице Симоноски. Книжевна вечер и пред се длабоко емотивно сведоштво за една болка која долго живеела без зборови.. Во салата семејството, пријателите и колегите и на моменти тишина која викаше од дното на душата. Ова не беше само промоција на книга, туку соочување со животните вистини што долго чекале да бидат кажани.
„Сенки“ ја раскажува приказната за двајца браќа, двајца борци, на кои животот уште од најмала возраст, на трпезата им ги пренесол сите горчини кои ги има на менито. Кога оној што требало да биде столб, потпора и сигурност, ги натерал да се чувствуваат како сенки – невидливи и оттурнати, тие морале да научат да преживеат, таму каде што требало да растат со љубов. Во целиот тој мрак, единствениот зрак светлина им го давале нивните дедо и баба.
Романот на Ице Симоноски не бара сожалување, туку разбирање. Тој зборува за борбата со алчноста, гордоста и алкохолот, за рушењето на најсветата тврдина – семејството, но и за љубовта како единствен спасител. Љубовта како чувство што остава трага, дури и кога сè друго исчезнува како прашина. „Сенки“ е книга што не се чита само со очи, туку и со срце – сведоштво дека и од најдлабоката сенка може да се роди светлина.
Промотор на романот е Снежана Паноска, рецензент Весна Шереметкоска, модератор на настанот ќе биде Марија Мантова, а одбрани извадоци ќе чита Александар Тодески.



