Кривогаштани со иницијатива за издавање лични документи во општината

Локалниот совет за превенција ги разгледа безбедносните состојби и мерките за заштита на граѓаните

На 28 октомври 2026 година се одржа седница на Локалниот совет за превенција на Општина Кривогаштани, на која беа разгледани повеќе прашања поврзани со безбедноста на граѓаните, превентивното дејствување и координацијата меѓу надлежните институции.

Една од поважните теми на седницата беше иницијативата за отворање канцеларија за управни работи во Полициското одделение во Кривогаштани, со цел на жителите на општината да им се овозможи полесен пристап до услугите за издавање лични документи.

Иницијативата ја покрена градоначалникот на Општина Кривогаштани, Игор Каравилоски, по барање на граѓаните. Со нејзината реализација се очекува жителите да ги добиваат потребните услуги поблиску до своето место на живеење, со намалување на патните трошоци, времето и потребата од патување до други градови. За оваа иницијатива ќе биде доставено официјално барање до Министерството за внатрешни работи.

На седницата се разговараше и за општата безбедносна состојба во општината, јавниот ред и мир, како и за безбедноста во сообраќајот, со посебен акцент на заштитата на пешаците и учениците.

Посебно внимание беше посветено на превенцијата од врсничко насилство и насилство на интернет, како и на ризиците поврзани со злоупотребата на алкохол и дроги. Во овој контекст беше нагласена важноста од соработката меѓу образовните институции, родителите и надлежните служби, со цел навремено препознавање и спречување на негативните појави кај младите.

Во рамките на дискусијата беа разгледани и состојбите со водотеците, одводните канали, речните корита и насипите, како и потребата од навремено преземање превентивни мерки за намалување на ризикот од поплави.

Дополнително, беа опфатени прашањата поврзани со превенцијата од пожари и подготовките за претстојниот зимски период. Акцент беше ставен на безбедноста на јавните објекти, одржувањето на проодноста на пристапните патишта и обезбедувањето непречено функционирање на основните комунални услуги.

Со разгледувањето на овие теми, Локалниот совет за превенција ја потврди важноста од континуирана соработка меѓу локалната самоуправа, полицијата, образовните институции и другите надлежни служби, во насока на унапредување на безбедноста и заштитата на граѓаните на Општина Кривогаштани.

Слични Објави