Македонските ученици-информатичари блеснаа на 9-тата Европска јуниорска олимпијада
Македонските ученици-информатичари блеснаа на 9-тата Европска јуниорска олимпијада по информатика (ЕЈОИ 2025), која се одржа од 29 август до 4 септември во Шумен, Бугарија. По втор пат во историјата, нашиот тим освои златен медал – овојпат дополнет и со бронза. Златото го донесе Владимир Грчев од Кочани, а бронзата Марко Кренков од Струмица. Тимот го сочинуваа и Зоран Илијоски од Кичево и Јаков Грујовски од Скопје, под водство на Иван Занов и Петар Ковачовски од ФИНКИ.
Учениците беа избрани преку циклусот натпревари организиран од Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), со поддршка од ФИНКИ и компании од ИТ-секторот. Претседателот на ЗИМ, д-р Миле Јованов, го истакна успехот како потврда дека младите македонски таленти рамноправно се носат со најдобрите во Европа, нагласувајќи ја посветеноста и квалитетната подготовка на тимот.
Ова е историски успех за Македонија на едно од најпрестижните натпреварувања во информатика за млади до 15 години, на кое годинава учествуваа 96 ученици од 22 европски држави и две земји-гости.
Следната, јубилејна 10-та ЕЈОИ ќе се одржи во Турција во 2026 година, а нашите ученици веќе ги очекува нов предизвик – Балканската олимпијада по информатика (БОИ 2025) во Удине, Италија.



