ИЗМЕНИ НА БУЏЕТОТ И ИЗВЕШТАИ ЗА РАБОТЕЊЕТО НА ЈАВНИТЕ ПРЕТПРИЈАТИЈА
Советот на Општина Прилеп во петок, 13 ноември, со почеток во 10 часот, ќе ја одржи 22-рата седница. Седницата е закажана во големата сала на Општина Прилеп, а на дневен ред се 16 точки.
Меѓу позначајните точки се Предлог-измената и дополнувањето на Буџетот на Општина Прилеп за 2026 година, кварталниот извештај за извршување на Буџетот за третиот квартал, како и планот на развојни програми за периодот 2027–2029 година.
Советниците ќе расправаат и за тримесечните извештаи за финансиското работење на четири јавни претпријатија: „Водовод и канализација“, „Комуналец“, „Пазари“ и ЈП за ПУП, за периодот од 1 јули до 30 септември 2026 година. На дневен ред е и финансискиот извештај на Домот за стари лица „Киро Крстески-Платник“.
На седницата ќе се разгледуваат и предлог-одлуки за именување членови на Општинскиот совет за социјална заштита, промена во Управниот одбор на детската градинка „Наша Иднина“, како и усвојување на збирниот извештај за проценетата штета во Големо Коњари, Мало Коњари и Мажучиште.
Дел од дневниот ред се и урбанистички прашања, меѓу кои укинување на одлуката за Регулацискиот план за блок 10.4, како и определување ширина на крајбрежни појаси на водотеци во Ново Лагово и Дабница.
Седницата е свикана со решение на претседателката на Советот, Билјана Кржеска, од 6 ноември 2026 година.




