АХВ започна есенска вакцинација на лисиците против беснило
Агенцијата за храна и ветеринарство од 15 септември спроведува есенска кампања за орална вакцинација на лисици и диви карнивори против беснило. Вакциналните мамки – околу 450 илјади – се фрлаат со авион од аеродромот во Штип, со финансиска поддршка од Европската здравствена и дигитална извршна агенција (HADEA) во висина од 2,5 милиони евра за три години.
Мамките се поставуваат низ целата држава, освен во населени места, водени површини и над 2.000 м надморска височина. Кампањата трае до крајот на септември и се совпадна со Светскиот ден за борба против беснило – 28 септември.
АХВ апелира граѓаните да бидат внимателни во природа, да не допираат вакцинални мамки (кафени, со мирис на риба), ниту да контактираат со лисици кои не покажуваат страв од луѓе. При допир со мамка, задолжително е миење раце, а при повреда – лекарска помош. Се препорачува кучињата да се шетаат на поводник. Мамките не се штетни за кучиња и мачки.
Три недели по завршувањето, ќе се врши контрола на успешноста на имунизацијата преку лабораториски анализи на застрелани лисици од ловните друштва.
Програмата за орална вакцинација започна во 2011 година. Од тогаш има потврдени 9 случаи на беснило, последниот во 2012 година кај мачка. Оваа есенска акција е прва по трогодишна пауза, односно последната беше во 2022 година.



