ИНФЛАЦИЈАТА РАСТЕ – ЦЕНИТЕ НА МАЛО ЈА СЛЕДАТ
Стапката на инфлација во декември 2024 година изнесува 4,4%, а цените на мало пораснаа за 4,3%, покажуваат последните податоци на Државниот завод за статистика. Поскапувањата се регистрирани кај голем број производи и услуги, додека трошоците за живот кај храната и безалкохолните пијалаци на годишно ниво се зголемени за 2,9%. На месечно ниво, истата категорија бележи намалување од 0,3%.
Инфлацијата мерена преку индексот на трошоците на животот во декември, во споредба со ноември, е 0,3%. Истовремено, индексот на трошоците на животот во 2024 година бележи раст од 3,5%, а индексот на цените на мало за 3,8%.
Раст на цените во повеќе сектори
Поскапувањата се најизразени во групата ресторани и хотели, каде цените пораснале за 9,9% на годишно ниво. Значителен раст има и кај алкохолните пијалаци, тутунот и наркотици (7,6%), како и кај здравјето (5,3%), разновидните стоки и услуги (5,1%), рекреацијата и културата (4,9%), мебелот и покуќнината (3,8%), облеката и обувките (3,1%) и комуникациите (2,9%).
Трошоците за транспорт, домување, вода, електрика, гас и други горива пораснале за 1,4%, додека образованието бележи минимално зголемување од 0,2%.
Цените на мало со раст во сите категории
Индексот на цените на мало во декември 2024 година е зголемен за 1,2% во однос на ноември. На годишно ниво, најголем раст има кај земјоделските производи (7,1%), услугите (5,0%), пијалаците (4,0%), индустриско-прехранбените производи (3,5%), како и индустриско-непрехранбените производи и тутунот (2,1%).
Месечни промени
На месечно ниво, најголем раст на трошоците за живот е регистриран кај транспортот (4,8%), рекреацијата и културата (1,7%), рестораните и хотелите (0,4%), облеката и обувките (0,2%) и разновидните стоки и услуги (0,1%).
Сепак, намалување на месечно ниво е забележано кај комуникациите (-0,4%), храната и безалкохолните пијалаци (-0,3%) и мебелот и покуќнината (-0,2%).