|

Хрватите бојкотираат против високите цени на основните производи

Во Хрватска денеска се одвива масовен бојкот на продавници, трговски ланци и бензински пумпи како одговор на постојаниот раст на цените на основните производи. Иницијативата беше покрената од фејсбук-групата „Ало, инспекторе“, а доби поддршка од здруженија за заштита на потрошувачите, синдикати, политички партии и министерот за економија.

Пораките за бојкотот се споделуваа на социјалните мрежи денови наназад, повикувајќи граѓаните денеска да се воздржат од каква било потрошувачка.

„24 јануари во Хрватска е ден за бојкот поради високите цени на прехранбените производи“, беше пораката што ја обедини јавноста. Граѓаните беа повикани да се однесуваат како овој ден да е недела, односно да не посетуваат продавници и бензински станици.

Според податоците од Даночната агенција, до 11 часот бројот на издадени фискални сметки бил намален за 40%, додека износот на потрошувачката бил помал за 47%.

„Денеска не одам во продавница. Не знам колку овој бојкот ќе промени нешто, но сигурно испраќа силна порака дека е време за промени“, изјави министерот за финансии, Марко Приморац.

Организаторите сметаат дека бојкотот е прв чекор во подигнување на свеста за проблемите со високите цени и се надеваат дека ваквите акции ќе поттикнат конкретни мерки за заштита на потрошувачите.

Дали ваквиот протест ќе доведе до промени, останува да се види, но пораката од граѓаните е јасна – неопходна е акција за да се намалат трошоците на животот.

Слични Објави