Прилеп без театар на Светски ден на театарот (27.03)– кога ќе се појави новата претстава?
Денот на театарот во Прилеп годинава ќе биде одбележан без најзначајната театарска сцена во градот. Народниот театар „Војдан Чернодрински“ е затворен поради сериозни безбедносни пропусти. Инспекцискиот надзор спроведен од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) на 24 март открил 15 неправилности кои се во спротивност со Законот за заштита и спасување и други подзаконски акти.
При инспекцискиот надзор извршен на 24 март, биле констатирани серија фактички недоследности и отстапки од официјално пропишаните елементарни норми и стандарди за безбедно и непречено функционирање на една јавна установа. „Во очекување и на писменото решение, ова подразбира, засега на неодредено време – забрана за користење на објектот како објект за масовни приредби, театараски поставки и други настани и случувања, велат од прилепскиот театар“. По добивањето на Решението од Инспекцискиот надзор на ДСЗ, театрот во координација со Министертсвото за култура ќе чека конкретни задолженија колку и дали ќе можат да се отстранат 15-те детектирани неправилности во објектот за тој повторно да биде ставен во функција.
Театарот „Војдан Чернодрински“, по 75 години постоење, од 24 март не работи!
Театарот ,,Војдан Чернодрински‘‘ годинава одбележува 75 години од своето основање. Театарот „Војдан Чернодрински“ не само што е важен за Прилеп, туку и за целата Македонија, како еден од централните културни столбови во земјата. Тој редовно е домаќин на престижни настани, како што се Театарските игри – МТФ „Војдан Чернодрински“. Со затворањето на театарот, Прилеп останува без еден од своите најзначајни културни и уметнички институции.
Според соопштението на ДЗС, утврдено е дека театарот не ги исполнува основните безбедносни стандарди, што ја прави зградата опасна за посетителите и персоналот. „Додека не се исправат сите утврдени неправилности, не е дозволено повторно отворање на објектот“, се наведува во соопштението на ДЗС. Затворањето на театарот, токму на Денот на театарот, ги погодува прилепчани.
Народниот театар не е само сцена, туку е дом на многу уметници и културни работници. Се надеваме дека надлежните ќе преземат итни мерки за враќање на театарот во функција а секако и ќе започне изградба на новиот театар, кој што се ветува со години.