Граѓаните на Долнени повеќе нема да патуваат до Прилеп за лични документи – отворена канцеларија во Ропотово

Жителите на Општина Долнени од денеска имаат своја канцеларија на Управни служби на Министерството за внатрешни работи. Новата канцеларија е сместена во селото Ропотово и ќе опслужува над 15.000 граѓани од целата општина и околните населени места.



Со оваа канцеларија во Долнени над 15.000 граѓани кои што припаѓаат на Општина Долнени заедно со граѓаните од дијаспората, ќе имаат право и можност сите услуги коишто се поврзани со управните служби како што е вадење на патна исправа, лична карта или возачка дозвола ќе можат да ги остварат во рамки на својата општина, многу поблиску до местото на живеење. Ова има двоен ефект, многу поблиска услуга до граѓаните од овој регион, а и растеретување на канцеларијата во Прилеп која досега ги опслужуваше овие граѓани..

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој присуствуваше на пуштањето во употреба, истакна дека станува збор за седма по ред канцеларија од ваков тип, со која се постигнува двоен ефект – поблиски и подостапни услуги за граѓаните и истовремено растеретување на канцеларијата во Прилеп, која досега ги опслужуваше жителите на Долнени.

„Досегашните искуства со веќе отворените канцеларии се многу позитивни. Граѓаните се исклучително задоволни што услугите им се на дофат, без потреба од подолги патувања и чекање во редици,“ изјави Тошковски.

Тој додаде дека доколку постои потреба од отворање на нови канцеларии во други општини, МВР ќе продолжи со реализација на такви проекти.

Присутните граѓани, исто така, ја поздравија одлуката. „Со години патувавме до Прилеп, губевме цел ден и дополнителни пари за превоз. Сега, конечно, ќе можеме да завршиме работа во својата општина и тоа е големо олеснување,“ изјави жител на с. Ропотово.

Со отворањето на канцеларијата во Ропотово, Општина Долнени добива конкретна придобивка – институција што ќе им овозможи на граѓаните побрза и поефикасна административна услуга, а воедно и поголема сигурност дека државата е присутна и во нивната средина..

Слични Објави