Претставени мерки за намалување на детската сиромаштија во Македонија
Министерството за социјална политика, демографија и млади, со поддршка од УНИЦЕФ, ги претстави резултатите од анализата и препораките за политики за воведување на Европската гаранција за децата во Македонија. Настанот доаѓа во критичен момент, кога 32% од децата живеат под националниот праг на сиромаштија, а 40% се соочуваат со мултидимензионална сиромаштија.
Предложениот пакет на услуги има за цел да обезбеди пристап до здравство, образование и социјална грижа за сите деца, особено најранливите – вклучувајќи деца Роми, деца со попреченост, без родителска грижа и други во ризик. Министерот Фатмир Лимани најави дека е во завршна фаза Националниот акциски план за правата на децата 2025–2029, со посебен фокус на намалување на детската сиромаштија и воведување на Европската гаранција за деца, како и зголемување од 15% на паричните додатоци за децата.
Пакетот предвидува: проширена парична помош, бесплатни оброци во училиштата, пристап до предучилишно и инклузивно образование, универзален пристап до здравствена заштита. УНИЦЕФ потсети дека децата кои растат во сиромаштија се соочуваат со зголемен ризик од траен социјален и економски маргиналитет. Преку интегрирана и координирана поддршка, планот има цел да ја прекине оваа негативна спирала. За реализација на планот се планираат околу 3 милиони евра, со пилотирање на модифицирани услуги во избрани општини, со цел нивна поширока примена на национално ниво.



