| |

Фестивал кој говори за постоењето на нашиот идентитет, генерациското богатство вткаено во изворните македонски песни и ора – „Пеце Атанасовски“

Вечерва на Камената бина во Прилеп започна 50-то јубилејно, издание на Фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“, а во текот на денот на булеварот во центарот на Прилеп продефилираа 50 гајдаџии од сите краишта на земјава.
Утре 06.07 на Рудина во Долнени е втората фестивалска вечер. Годинава на тапан, гајда, кемане и други народни инструменти ќе земат учество околу 250 изведувачи од цела Македонија.

Ова петдецениско негување на фестивалот, само по себе говори за постоењето на нашиот идентитет, за генерациското богатство, вткаено во изворните македонски песни и ора, кои низ годините се пренесувале од колено на кoлено, од татко на син, од дедо на внук, чувајќи го споменот на македонското богато фолклорно творештво, но и на играорецот, инструменталистот, недостижниот мајстор на соло гајдата, етно-кореографотот, тапанџијата и еден од најпродуктивните собирачи на македонски народни песни и ора, Пеце Атанасовски.

Секој народ ги има своите културни богатства и традиција, кои се уникатен печат за таа земја. А, нашата Македонија, го има овој уникатен фестивал, кој ги чува и негува низ децении древните вештини на свирачите на народни инструменти и на пејачите на изворни народни песни. Тој, во своите прегратки, ги носи оние атрибути што секој народ себично ги чува и негува како свој нераскинлив белег: традицијата, фолклорот, народната носија и обичаите.

„Затоа фестивалот ни е значаен и повеќе од потребен, ние мораме да го одржуваме и негуваме, бидејќи тој е нашето значајно културно наследство. Во оваа прилика морам да ја искажам мојата благодарност и искрена почит – до Уметничкиот директор на фестивалот, секретарот, техничкиот секретар, до семејството Вучиќ, и на сите останати кои што се вклучени во организациониот дел, за деценските напори во негувањето на фестивалот, како и на сите овие прекрасни изведувачи, кои му даваат нова димензија и душа на фестивалот и придонесуваат во зачувувањето на нашата препознатлива македонска песна и македонско оро. Ви посакувам успешни фестивалски денови и заедно да уживаме во секој звук на убавата изворна македонска музика, уште многу децении!“ изјави Градоначалникот на Прилеп Борче Јовчески вечерва на отворањето на 50-то јубилејно, издание на Фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“!

Фото – Општина Прилеп

Слични Објави