Десет години истражување на Врбјанска Чука крунисани со изложба во Прилеп

По цели десет години посветени истражувања на археолошкиот локалитет Врбјанска Чука, редно е нејзината исклучителна приказна да се сподели со јавноста. Во соработка со Завод и музеј – Прилеп, оваа есен се отвора изложбата „Врбјанска Чука – десет години истражување“, која ги обединува најзначајните сознанија од мултидисциплинарните проучувања, заедно со најиконичните артефакти и структури што го прават овој локалитет уникатен во неолитската археологија на Македонија.



Истражувањата на Врбјанска Чука претставуваат пример за современ научен пристап и колективна посветеност. Во нив низ годините беа вклучени повеќе од сто стручњаци, музеалци, студенти, мештани, уметници и добронамерници, кои на различни начини придонесоа ова древно место да ги открие своите тајни.
„Оваа изложба е во нивна чест — од Благоја Китаноски и Драгица Симовска, кои ги започнаа првите истражувања во 1980-тите, до најновата генерација студенти и жители на околните села кои несебично помагаат и учат“, велат организаторите.

Изложбата нуди ретка можност посетителите да ја почувствуваат уметноста и техничката умешност на неолитските земјоделци од Пелагонија, преку реконструкции, фотографии и оригинални предмети од локалитетот. Еден од најинтересните делови е демонстрацијата на „археолошка погача“ — направена по пример на зрната пронајдени на самата Чука.

Изложбата ќе биде поставена во Завод и музеј – Прилеп, а посетителите ќе можат да ја видат од следната недела.

Фотографиите се дело на Адам Ваго (Филдов музеј), а каталогот и изложбените паноа ги содржат имињата на сите учесници во долгогодишните истражувања.


Истражувачки тим и соработници

Проектот го реализираа:
Завод и музеј – Прилеп, Центар за истражување на предисторијата, Институт за старословенска култура, Универзитет во Базел, Германски археолошки институт, Универзитет во Белград, Шпански национален научен совет, Универзитет на Јужна Бохемија, Универзитет во Приморска, Универзитет во Берн и Институт Биосенс.

Раководители на истражувањето:
Гоце Наумов (2016–2025) и Благоја Китаноски (1979–1989).

Меѓу бројните стручни соработници се издвојуваат имињата на Александар Миткоски, Владимир Крстески, Оливера Јандреска, Душко Темелкоски, како и голем број домашни и странски археолози, антрополози, геофизичари, ботаничари, геолози и конзерватори.

Особена улога во истражувањата имале мештаните од селата Славеј и Врбјани, кои активно учествувале во ископувањата и логистичката поддршка.

Во рамки на проектот се реализираа и концерти, видео-филмови, како и архитектонски проект за археопарк, што ќе овозможи Врбјанска Чука да добие нов живот како едукативен и туристички простор.

Финансиска поддршка обезбедија Министерството за култура, Фондацијата за истражување и заштита на тумбите, Универзитетот во Базел, Германскиот археолошки институт, Шпанскиот национален совет за наука, Ајнштајновата фондација во Берлин, Универзитетот во Берн, Универзитетот во Јужна Бохемија и Општина Кривогаштани.

Организаторите упатуваат благодарност до сите поединци и семејства од Врбјани, Славеј и пошироката прилепска област кои со својата поддршка и гостопримство придонеле за успехот на истражувањата.

„Врбјанска Чука повеќе не е само археолошки локалитет – таа е заедничка приказна за трудот, љубопитноста и посветеноста на луѓето кои сакаат да ја разберат својата историја,“ велат истражувачите.

Слични Објави