|

Битолскиот театар го прославува својот голем јубилеј – 80 години од постоењето

Битолскиот народен театар денес го одбележи својот 80-годишен јубилеј. На 14 ноември 1944 година, само десет дена по ослободувањето на Битола, на неговата сцена беше одиграна првата претстава на македонски јазик во слободна Македонија – едночинката „Ѓоре Магаревски“ од Владо Малески.

Оваа претстава, која носи политички ангажман и се бави со теми кои и денес се актуелни – идентитетот, предавствата и лицемерието, ќе биде повторно изведена на битолската сцена вечерва, во ново издание под наслов „Ѓоре Магаревски 80 години потоа“. Режијата на оваа јубилејна претстава ја потпишуваат тројца режисери: Софија Ристевска, Јовица Ристевски и Благој Мицевски, кои секој на свој начин ја интерпретираат оваа значајна драмска творба.

Во роденденската претстава „Ѓоре Магаревски – 80 години потоа“ се третира идентитетот, премолчувањето и предавствата, и е составена од три дела во кои режисерите Софија Ристевска-Петрушева, Јован Ристовски и Благој Мицевски даваат свои видувања на споменатите теми.

Според Васко Мавровски, директорот на битолскиот театар, претставата обработува теми кои за некого се можеби скандалозни, а за некого провокација и е поука дека ако историјата ја заборавиме, ќе ни се повтори.

„Наше е да не дозволиме да си правиме автоцензура. На сцената ќе го видите тоа што некој пред 80 години го напишал и одиграл без наши дополнителни интервенции“, рече Мавровски.

Претставата ќе биде емотивен и значаен момент за Битолскиот народен театар, кој и понатаму продолжува да го негува своето богатото наследство и да ја потврдува важноста на културните вредности во македонската театарска сцена.

Слични Објави