Варошкиот амфитеатар се обновува пред летната сезона

Амфитеатарот во населбата Варош во Прилеп добива целосно обновен изглед во пресрет на летната сезона и бројните културни и музички настани што се планираат на овој простор.

Екипите на ЈКП „Комуналец“ – Прилеп во моментов работат на замена на дотраените дрвени штафни на седиштата за публиката, како и на чистење, уредување и санација на плочите во амфитеатарот. Според најавите, предвидени се и дополнителни интервенции со цел просторот да биде подготвен за одржување на поголем број манифестации, концерти и културни случувања.

„Иницијативата за реконструкција е на градоначалникот Дејан Проданоски, кој во изминатиот период посвети внимание на оживување на јавните простори и збогатување на културниот живот во градот.“ велат од ЈКП „Комуналец“

Во текот на месец мај, амфитеатарот во Варош беше домаќин на повеќе културни и музички настани, а според најавите, и во текот на летото овој простор ќе биде центар на бројни манифестации, концерти и собири на отворено.

Со реконструкцијата се очекува амфитеатарот повторно да стане едно од препознатливите места за културни настани во Прилеп и омилено собиралиште на граѓаните.

Слични Објави