„Прилепски млади виртуози“ во величествениот храм Св. Петка
ВЕЧЕР НА КЛАСИЧНА МУЗИКА
На 04 септември, со почеток во 19:00 часот, ќе имате можност да уживате во концертот „Прилепски млади виртуози“, на едно несекојдневно музичко доживување кое за првпат ќе ги обедини младите прилепски музички таленти под сводовите на нашиот величествен храм Св. Петка.
Овој концерт е уникатна прилика да се слушнат на едно место дел од најдобрите студенти кои студираат во земјата и странство, средношколци од музичките училишта во Македонија, како и ученици од основното музичко училиште во Прилеп. Во акустичниот амбиент на храмот Св. Петка, нивните изведби ќе го исполнат просторот со звуци на хармонија и убавина.
Преку вашето присуство, ќе им дадеме поддршка на овие млади таленти пред почетокот на новата школска година и ќе покажеме дека како заедница ги вреднуваме и негуваме нивните дарби. Овој концерт го гледаме како почеток на една нова традиција, која ќе се повторува секоја година и ќе ни овозможи да бидеме сведоци на нивниот раст и успех.
Ве повикуваме да бидете дел од овој музички настан и заедно да ја оддадеме почитта која нашите млади виртуози ја заслужуваат.
Стои во поканата од – Организационен одбор на концертот – Храм Света Петка Прилеп