Средбите со урбаните заедници завршија, продолжуваат консултациите во населените места! Потребна е поголема вклученост и транспарентност во креирањето на Буџетот за 2027 година

„Според објавата на официјалната веб-страница на Општина Прилеп, општината ги заокружила консултативните средби со сите урбани заедници во градот, во рамки на подготовката на Буџетот за 2027 година. Во објавата се наведува дека на средбите граѓаните имале можност да споделат предлози, идеи, иницијативи, како и проблеми и потреби со кои секојдневно се соочуваат.“

Општина Прилеп ги заокружи консултативните средби со сите урбани заедници во градот, организирани во рамки на процесот на подготовка на Буџетот за 2027 година. Преку овие средби, граѓаните имаа можност непосредно да ги презентираат своите предлози, идеи, иницијативи и проблеми со кои секојдневно се соочуваат.

Средбите со жителите на Чачорица, Корзо, Тапани, Центар – Библиотека, Центар – Општина, Цар Самоил, Бончејца, Варошко Маало, Рид, Гоце Делчев, Тризла 1 и Тризла 2, Сточен пазар и Жабино Маало овозможија да се отворат повеќе прашања поврзани со локалната инфраструктура, комуналните услуги и подобрувањето на условите за живеење.

Сепак, ваквите консултации не треба да се сведат само на одржување средби и собирање предлози. Нивната вистинска вредност се мери преку бројот на граѓани кои активно учествуваат, степенот до кој нивните барања се земаат предвид и транспарентноста во процесот на одлучување.

За поголема граѓанска вклученост потребна е навремена и поефикасна информираност. Особено важно е кампањата за најавување на консултативните средби да започне доволно рано, со јасни информации за датумот, времето, местото на одржување и начинот на кој граѓаните можат да ги достават своите предлози. Информирањето треба да се одвива преку повеќе канали – локалните медиуми, социјалните мрежи, веб-страницата на Општината, месните заедници и директната комуникација со жителите.

На овој начин ќе се создадат услови за вклучување на поголем број граѓани, особено на оние кои не се во можност да присуствуваат на средбите, но имаат конкретни предлози и потреби.

Во следниот период консултациите продолжуваат со жителите на населените места во Општина Прилеп. Токму претстојните средби претставуваат можност досегашните искуства да се искористат за подобрување на процесот, со понавремено информирање, поширок опфат на граѓаните и поголема достапност на механизмите за учество.

Поголемата вклученост значи и поголема транспарентност. Граѓаните треба да имаат увид не само во тоа кои предлози се доставени, туку и кои од нив ќе бидат прифатени, кои ќе бидат вклучени во Буџетот за 2027 година и кои нема да можат да се реализираат, со јасно образложение за причините.

Буџетот на Општината е документ кој директно влијае врз секојдневниот живот на граѓаните. Затоа, неговото креирање треба да биде отворен, инклузивен и транспарентен процес, во кој секој жител ќе има можност да го искаже своето мислење и да придонесе во утврдувањето на локалните приоритети.

Учеството на граѓаните не треба да биде само формалност, туку вистински механизам за влијание врз локалните политики и развојот на Општина Прилеп.

фото – општина прилеп

Слични Објави