ДОНАЦИЈА ЗА ПОЗЕЛЕН ПРИЛЕП! Учениците од „Кочо Рацин“ засадија 60 туи
Заедничка еколошка акција на учениците, родителите и ЈКП „Комуналец“ за повеќе зеленило и почиста животна средина.
Учениците од ООУ „Кочо Рацин“ – Прилеп, заедно со работниците на ЈКП „Комуналец“, засадија околу 60 зимзелени дрвца од видот туја смарагд на булеварот „Гоце Делчев“ во Прилеп, во рамки на еколошка акција насочена кон разубавување на јавните површини и унапредување на животната средина.
Садниците се донација од Катерина Иваноска Вангелова, родител на две деца кои се ученици во училиштето, додека ЈКП „Комуналец“ се вклучи со стручна и логистичка поддршка, помагајќи во реализацијата на иницијативата.
Посебно значење на акцијата ѝ даде активното учество на учениците, кои непосредно се вклучија во засадувањето на дрвцата. На тој начин, покрај придонесот за повеќе зеленило во градот, кај најмладите се поттикнуваат еколошката свест, одговорноста и грижата за природата.
Донаторката Катерина Иваноска Вангелова посочи дека возрасните треба да им бидат пример на младите генерации во односот кон животната средина, нагласувајќи ја важноста децата уште од најрана возраст да учат дека природата се чува преку конкретни дела.
Акцијата е реализирана со поддршка на ЈКП „Комуналец“ и Локалната самоуправа, а претставува позитивен пример за соработка меѓу образовните институции, родителите и јавните претпријатија.
Со засадувањето на новите 60 туи смарагд, булеварот „Гоце Делчев“ добива ново зеленило, а учениците уште еднаш покажаа дека и најмладите можат активно да придонесат за поубав, почист и позелен Прилеп


