Четири малолетнички кои малтретираа 13-годишно девојче испратени во воспитно-поправен дом

На четирите тинејџерки против кои се водеше постапка за бруталното насилство врз 13-годишно девојче во скопската општина Ѓорче Петров им е изречена мерка упатување во воспитно-поправен дом.

Од Основниот кривичен суд Скопје потврдуваат дека одлуката е донесена од судија за деца, но нагласуваат дека таа сè уште не е правосилна. Судското решение е во фаза на писмена изработка и сè уште не им е доставено на странките.

Случајот ја вознемири јавноста откако во јавноста се појавија информации за бруталното малтретирање на 13-годишно девојче, ученичка во основно училиште во Ѓорче Петров. Според досегашните информации, насилството се случило во два одделни наврати, при што група врсници физички ја нападнале и понижувале жртвата.

Меѓу вознемирувачките дејствија што беа објавени во медиумите се наведуваат кубење за коса, удирање, клоцање, палење со цигари и принудување на девојчето да лиже кучешки измет. Дел од присутните деца, наместо да помогнат, го снимале насилството со мобилни телефони, а некои и се смееле.

По откривањето на случајот, Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против четири малолетнички поради основано сомнение за кривичното дело „насилство“. Една од нив во моментот на постапката имала 17 години, додека останатите три биле на возраст од 14 години.

Случајот отвори и дополнителни прашања за одговорноста на родителите. До Обвинителството биле доставени шест кривични пријави против родители поради сомневања за „запуштање и малтретирање дете“. Засега нема објавени информации за конечниот исход од овие пријави.

Со изрекувањето на воспитно-поправните мерки, судската постапка против четирите малолетнички добива првостепен исход. Сепак, бидејќи одлуката сè уште не е правосилна, останува можноста таа да биде преиспитана во понатамошната постапка.

Случајот повторно ја актуелизира потребата од посериозен пристап кон врсничкото насилство, навремена реакција на институциите и поголема заштита на децата кои се жртви на физичко и психичко малтретирање.

Слични Објави