|

Коњановски даде отчет пред СОВЕТОТ на БИТОЛА за првата година од новиот мандат: 180 проекти во фокусот

Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, на денешната 17-та седница на Советот на Општина Битола направи пресек на сработеното во првата година од вториот мандат, при што ги презентираше реализираните и тековните проекти во повеќе области.

Според податоците што ги изнесе Коњановски, во изминатата година биле опфатени вкупно 180 проекти, од кои 34 проценти се целосно реализирани, 27 проценти се во фаза на реализација, за 17 проценти се потпишани договори, додека за останатите 22 проценти се во тек завршните подготвителни постапки.

Меѓу позначајните инвестиции се издвојуваат над 10 километри реконструирана и новоизградена патна инфраструктура, како и повеќе од три километри инвестиции во водоводна и канализациона мрежа. Реализирани се и активности за изградба и реконструкција на 24 училишни спортски терени и четири типски спортски сали.

Во делот на патната инфраструктура, градоначалникот ги посочи булеварскиот влез во Битола од страната на Прилеп, новата улица „СТУ 3“ со 100 паркинг места, паркингот на „СТУ 9“ со над 70 места, како и реконструкциите и асфалтирањето на повеќе улици во градот и околните населени места.

Инвестициите продолжуваат и во образованието. Меѓу проектите се енергетската ефикасност на ОУ „Стив Наумов“, изградбата на ново училиште во Буковски ливади, реконструкцијата на училиштето во Крклино, како и подобрувањето на условите во повеќе основни и средни училишта.

Посебен акцент беше ставен и на проширувањето на капацитетите во детските градинки. Според Коњановски, обезбедени се над 470 нови места за згрижување деца, преку отворањето и изградбата на нови градинки, меѓу кои „Пчеличка“, градинката кај ОУ „Климент Охридски“ и објектот во населбата АРМ.

Во спортската инфраструктура, во завршна фаза е боксерската сала, додека во тек е изградбата на спортската сала во Бистрица. Општината, како што беше посочено, продолжува и со инвестициите во постојните спортски објекти и терени.

Во однос на економскиот развој, беше истакнато отворањето на фабриката „Брејнчајлд производство“, како и поставувањето камен-темелник на вториот маркет на „Лидл“ во Битола. Општината работи и на проекти поврзани со праведната транзиција и привлекувањето нови инвестиции.

Како значаен туристички потенцијал беше посочена физибилити-студијата за изградба на гондола на Пелистер, со цел планината во иднина да се развива како четирисезонски туристички центар.

Меѓу другите инвестиции се издвојуваат набавката на нова механизација и возила за јавните претпријатија „Комуналец“ и „Нискоградба“, проектите за подобрување на водоснабдувањето во селата, како и изградбата на новата противпожарна зграда. За првата фаза од објектот општината инвестирала над 52 милиони денари, додека за втората фаза е обезбеден грант од Министерството за одбрана на САД во вредност од еден милион долари.

Културниот живот на градот, според изнесените податоци, во последните десет месеци привлекол над 100.000 посетители. За реализација на културните програми Општина Битола издвојува околу 45 милиони денари.

Осврнувајќи се на сработеното, Коњановски ја истакна соработката со Советот на Општина Битола, општинската администрација и граѓаните, нагласувајќи дека развојот на градот бара континуирана работа, конструктивност и вклучување на сите засегнати страни.

Тој посочи дека предизвици има и понатаму, но дека приоритет останува реализацијата на проектите и создавањето услови за развој на Битола во современ урбан и регионален центар.

Советниците имаат можност да поставуваат прашања и да дискутираат за презентираниот отчет, а сите битолчани можат да ја видат целата седница во живо на YouTube канал.


https://www.youtube.com/watch?v=jb4TXn4wUZc

Слични Објави