Околу 1.000 нови случаи на рак на дојка лани, 7.000 пациенти на терапија
Околу 7.000 пациенти во моментов се на активен третман на Клиниката за радиотерапија и онкологија, а лани во Македонија биле дијагностицирани околу 1.000 случаи на рак на дојка, беше соопштено на денешниот „Појадок со Хема-Онко“.
Директорот на Клиниката, д-р Игор Стојковски, информираше дека минатата година се воведени нови терапии, особено за пациентите со рак на дојка. На годишно ниво, на Клиниката се регистрираат околу 5.300 нови пациенти со различни видови рак, а бројот се зголемува за околу 200 до 300 пациенти годишно. Околу 20.000 пациенти во текот на една година барем еднаш се јавуваат на Клиниката.
Во насока на растоварување на системот продолжува и децентрализацијата на онколошките услуги. Специјалистичко-консултативна дејност веќе функционира во ГОБ „8 Септември“, а се планира онколог од Скопје да дава консултации и во Клиничката болница во Битола.
Од „Хема-Онко“ посочија дека децентрализацијата треба да значи терапија поблиску до домот на пациентите, но со задолжително обезбедување соодветни услови и безбедност. Како важен чекор го посочија и тумор-бордот, преку кој повеќе специјалисти заеднички ќе носат одлуки за лекувањето.
Како сериозен проблем беше издвоена и долгата процедура за дијагностика и снимања. Од здружението велат дека пациентите тешко доаѓаат до термини, а дел од нив се принудени да бараат услуги во приватното здравство.
Стојковски посочи дека растот на бројот на пациенти и подолгото преживување со терапија ги зголемуваат и потребите од финансиски средства и лекови. Тој најави дека се разгледува можноста дел од терапиите во идната јавна набавка да се обезбедуваат за подолг период.
На настанот беше најавена и можност за соработка со онколог од Harvard Medical School, кој денеска ја посети Клиниката, со фокус на едукација на помладите лекари во областа на ракот на дојка.


