„НАЈДОБРОТО ОД ТОШЕ ПРОЕСКИ“ КАКО ТРАЕН СПОМЕН НА ЕДЕН УМЕТНИК БЕЗ ГРАНИЦИ
Двојно винилно издание со 16 песни во чест на македонската музичка легенда – „Хит рекордс“ го овековечува наследството на Тоше Проески
Музичкото наследство на Тоше Проески добива нова, вредна форма. Дискографската куќа „Хит рекордс“, во чест на македонскиот пејач, ја објави двојната винилна плоча „Најдоброто од Тоше Проески“, која носи 16 песни од неговото богато творештво.
Изданието има особено значење за композиторот и главен уредник на „Хит рекордс“, Мирослав Рус, кој со Тоше го поврзуваа не само авторската соработка, туку и блиско пријателство.
Рус нагласува дека подготовката на вакво издание за него претставува и чест и обврска – начин да се остави трајна трага за уметникот чие творештво ги надмина границите на времето и просторот.
„Не можам да замислам делото на Тоше Проески да остане без албум кој, во презентативна смисла, е вистинска, сериозна трага на еден уметник без граници каков што беше Тоше Проески“, вели Рус.
На двојната винилна плоча се застапени песни од познати автори, меѓу кои Миро Буљан, Антонија Шола, Леонтина Вукомановиќ, Ѓорѓе Новковиќ и Марина Туцаковиќ, како и други автори кои оставиле белег во музичкиот пат на Тоше.
Посебно внимание е посветено и на визуелниот изглед на изданието. Дизајнот е дело на Игор Келчец, а на предната и задната страна се наоѓаат портрети на Тоше. Во внатрешноста, пак, е сместен колаж од приватни и професионални фотографии, кои потсетуваат на различни периоди од неговиот живот и кариера.
Со „Најдоброто од Тоше Проески“, неговите најпознати песни повторно добиваат физичка форма – овојпат на винил, носител кој со својата посебна симболика дополнително ја нагласува трајноста на музиката.
Тоше не е само спомен. Тоше е музика која продолжува да живее. А сега, дел од таа музика добива и нова, винилна трага – за генерациите што го сакаа, но и за оние што допрва ќе го откриваат неговиот глас и неговото творештво.


