ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ ДО ПРИЛЕПЧАНИ! Некој собира пари за цркви и манастири без благослов од Црквата
Прилепското архиерејско намесништво се оградува од собирањето пари на јавни места и апелира до верниците средствата за цркви и манастири да ги уплаќаат исклучиво преку официјални канали
Прилепското архиерејско намесништво алармира за појава на стаклени кутии со икони поставени на повеќе јавни места во Прилеп, преку кои од граѓаните се бараат парични донации за наводна изградба и помош на цркви и манастири. Од намесништвото велат дека ваквиот начин на собирање средства не е со благослов на Македонската православна црква и ги повикуваат граѓаните да бидат особено внимателни.
Кутиите, според информациите од намесништвото, се поставуваат на мостовите на градската река, на плоштадот, пред маркети и на други фреквентни локации во градот.
Од Прилепското архиерејско намесништво категорично се оградуваат од ваквата практика и посочуваат дека граѓаните кои сакаат да помогнат за изградба или одржување на верски објекти треба тоа да го направат директно преку храмовите или преку официјалните жиро-сметки на Црквата.
Намесништвото упатува апел до верниците да не оставаат пари во кутии за кои нема јасна потврда дека се поставени со одобрение и благослов од надлежните црковни органи.


