ВТОР ЈАВЕН ПОВИК ВО ПРИЛЕП – ОПШТИНАТА ПОВТОРНО ЌЕ ДЕЛИ ПАРИ ЗА СПОРТСКИ КЛУБОВИ, ЗДРУЖЕНИЈА И ФОНДАЦИИ – КОЛКУ ПАРИ ЌЕ СЕ ДЕЛАТ…?
Општина Прилеп повторно отвора јавен повик за распределба на финансиски средства за спортски клубови, професионални спортски клубови, здруженија и фондации. Јавниот повик бр. 02/2026 е објавен на 2 септември, а рокот за поднесување на пријавите е само до 7 септември.
Ова е втор јавен повик за распределба на средства за 2026 година, што отвора низа прашања за тоа зошто Општината повторно ги повикува спортските клубови и здруженијата да аплицираат.
Според објавениот документ, повикот е распишан врз основа на Правилникот за утврдување на критериумите, начинот и постапката за распределба на финансиски средства од Буџетот на Општина Прилеп за спортски клубови, професионални спортски клубови и здруженија и фондации.
Средствата се наменети за поддршка на здруженија и фондации, спортски клубови и здруженија, спортски манифестации и турнири од областа на спортот од интерес за Општина Прилеп, професионален спорт, општинскиот сојуз на училишен спорт и училишни спортски клубови.
Но, она што особено паѓа во очи е дека станува збор за втор повик во една календарска година.
Дали по првиот повик останале неискористени средства? Дали дел од апликациите не ги исполнувале условите? Дали се обезбедени дополнителни средства? Или, пак, причината е друга?
Во самиот јавен повик не е наведена конкретната сума која ќе биде распределена по овој втор повик, па оттука се наметнува прашањето колкав износ од буџетот останал на располагање и по кои критериуми ќе биде распределен.
КОЈА ДОКУМЕНТАЦИЈА ТРЕБА ДА ЈА ДОСТАВАТ СПОРТСКИТЕ КЛУБОВИ?
За спортските клубови, Општината бара значителен број документи. Според повикот, задолжително треба да се достават:
- нова тековна состојба од клубот;
- доказ дека се обезбедени соодветни објекти, опрема и стручен кадар;
- потврда од соодветната спортска федерација во која категорија учествува апликантот – супер лига, прва лига, втора лига, трета лига, општинска лига, младинска лига, кадетска лига или пионери, како и податок за времетраењето на членството на клубот во соодветната федерација;
- потврда од клубот дали наплаќа или не наплаќа членарина;
- годишна програма за работата и функционирањето на спортскиот клуб, односно здружението;
- постигнати резултати и успеси;
- детално разработен финансиски план за потребните средства за реализација на програмата или проектот, со број на ангажирани лица и опис на трошоците по позиции;
- извештај за потрошените средства добиени од Општина Прилеп за претходната година;
- информација каде и во кои спортски сали и/или спортски терени се извршувале тренажниот и натпреварувачкиот процес во изминатите три години;
- прилози, фотографии и награди.
Од ова јасно се гледа дека клубовите ќе треба детално да го документираат своето работење, резултатите, условите во кои работат, како и начинот на кој планираат да ги потрошат средствата.
ШТО ТРЕБА ДА ДОСТАВАТ ЗДРУЖЕНИЈАТА И ФОНДАЦИИТЕ?
За здруженијата и фондациите е предвидена посебна документација.
Тие треба да достават:
- нова тековна состојба од здружението или фондацијата;
- годишна програма за работа и функционирање на здружението и фондацијата;
- предлог-проект, односно формулар за аплицирање, со кој ќе се развива културниот и општествениот живот во Општина Прилеп;
- извештај за потрошените средства добиени од Општина Прилеп за претходната година;
- детално разработен финансиски план за потребните средства за реализација на програмата или проектот, со број на ангажирани лица и опис на останатите трошоци по позиции.
КРАТОК РОК ЗА АПЛИЦИРАЊЕ
Повикот е објавен на 2 септември 2026 година, а крајниот рок за доставување на пријавите е 7 септември 2026 година.
Тоа значи дека клубовите, здруженијата и фондациите имаат само неколку дена да ја подготват целокупната документација.
Општината притоа е децидна:
Пријавите со нецелосна документација или пријавите пристигнати по истекот на предвидениот рок нема да се разгледуваат.
Документацијата треба да се достави до Општина Прилеп, Прилепски бранители бр. 1, 7500 Прилеп, преку пошта или преку архивата на Општината, до Комисијата за финансирање и буџет, предвидено одделение на Општината.
На пликот треба да стои ознаката:
„ЈАВЕН ПОВИК бр. 02/2026 за прибирање на барања за распределба на финансиски средства од Буџетот на Општина Прилеп за 2026 година, наменети за финансирање на спортски клубови, професионални спортски клубови и здруженија и фондации.“
КОЛКУ СРЕДСТВА ЌЕ СЕ РАСПРЕДЕЛАТ?
Токму ова е една од информациите која недостига во самиот повик и која е од интерес за јавноста.
Колку средства биле предвидени за спортот во 2026 година?
Колку биле распределени по првиот јавен повик?
Колку останале?
Колку клубови и здруженија добиле средства во првиот круг?
И најважно – колкав износ сега ќе биде распределен по вториот јавен повик?
Самото објавување на втор повик не значи дека постои неправилност. Можно е да има неискористени средства, дополнително обезбедени средства или друга буџетска причина.
Но, со оглед на тоа дека се работи за јавни средства од Буџетот на Општина Прилеп, сосема е оправдано јавноста да добие јасен одговор зошто се оди со втор повик и колкав е износот кој ќе се распределува.
По спроведената постапка, според повикот, Градоначалникот на Општина Прилеп ќе склучи договор за регулирање на меѓусебните права и обврски со спортските клубови, професионалните спортски клубови, здруженијата и фондациите – корисници на финансиските средства.
За дополнителни информации, Општината го наведува контактот Гоце Бојкоски – 075 770 600, секој работен ден од 10 до 15 часот.
ОТВ ПРАШУВА:
Зошто за 2026 година е потребен втор јавен повик?
Дали и Колку средства останале по првиот повик и зошто не биле распределени?
Колкав е вкупниот износ што сега ќе се распределува?
И можеби најважно:
Дали вториот повик значи дека спортските клубови и здруженијата оваа година не ги искористиле сите средства што им биле ставени на располагање, или Општина Прилеп дополнително го зголемува финансискиот колач?
Одговорите на овие прашања би дале многу појасна слика за начинот на кој се трошат и распределуваат средствата од општинскиот буџет.


