Пајките повторно се вратија во паркот кај Основниот суд во Прилеп
По повеќегодишно отсуство, пајките повторно се вселија во двете езерца во паркот кај Основниот суд во Прилеп, познат меѓу граѓаните и како „паркот кај пајките“.
Од ЈКП „Комуналец“ – Прилеп информираат дека езерцата, изградени со природен камен, повторно добиваат природен жител кој претставува дополнително разубавување на еден од најпосетените паркови во градот.
Враќањето на пајките, како што посочуваат од претпријатието, освен што носи радост кај најмладите и придонесува за уредувањето на амбиентот во паркот, има и природна функција. Пајките помагаат во одржувањето на чистотата на водата во езерцата, со што придонесуваат за зачувување на природната рамнотежа во нивното ново живеалиште.
Од „Комуналец“ упатуваат апел до граѓаните и посетителите на паркот да се однесуваат внимателно кон птиците, особено во периодот додека тие се приспособуваат на новата средина.
„Паркот кај пајките“ со нивното повторно присуство добива нова содржина, која има потенцијал да биде особено привлечна за најмладите прилепчани, но и потсетник за важноста од одговорен однос кон природата и животните во урбаните средини.



