Прилеп домаќин на првиот Меѓународен фолклорен фестивал „Итар Пејо“

Во Прилеп официјално беше најавено првото издание на Меѓународниот фолклорен фестивал „Итар Пејо“, кој викендов ќе донесе фолклор, музика, танц и хумор на две фестивалски вечери.

Фестивалот е во организација на КУД „Мирче Ацев“ од Прилеп, а ликот на Итар Пејо е избран како симбол на македонската итроштина, хумор и народната традиција.

„Го избравме ликот и делото на Итар Пејо како фолклорен лик од Македонија, како симбол на македонската итроштина и како тој маките и секојдневието ги пренесувал преку шегата. Ова е еден начин како да продолжиме да го негуваме македонското културно наследство“, изјави м-р Горан Василески од КУД „Мирче Ацев“.

На првото издание ќе настапат седум групи, меѓу кои ансамбли од Полска и Словачка, како и културно-уметнички друштва од Македонија – „Илинден“ од Струга, Кривогаштани и Демир Хисар, како и Фолклорниот ансамбл „Тиквеш“ од Кавадарци. Во програмата ќе учествува и КУД „Преродба“ од Прилеп со хумористични точки.

„Годинава поради технички причини фестивалот има помалку учесници, но од наредната година имаме во план тематски да го прошириме“, рече Елена Николоска, претставник на фестивалот.

Организаторите најавуваат дека посебно место во програмата ќе има и ликот на Итар Пејо. Аниматор и водител на двете фестивалски вечери ќе биде актерот од прилепскиот Народен театар „Војдан Чернодрински“, Игор Трпчески.

Првата фестивалска вечер ќе се одржи на отворено, пред споменикот на Итар Пејо, во близина на прилепската Саат-кула. Втората вечер ќе се одржи во големата сала на Центарот за култура „Марко Цепенков“, со влезници по симболична цена од 100 денари.

Градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски, оцени дека фестивалот претставува ново збогатување на културната понуда на градот.

„Ова е нова сцена за културна размена, која ги поврзува народите и создава нови пријателства. Со фестивалот „Итар Пејо“, Прилеп станува место каде што се чува културата и се споделува со светот“, изјави Проданоски.

Фестивалот е под покровителство на Општина Прилеп и Центарот за култура „Марко Цепенков“, а е поддржан и од повеќе прилепски компании и претпријатија.

Организаторите најавуваат дека „Итар Пејо“ треба да прерасне во фестивал кој во наредните години ќе го проширува бројот на учесници и ќе создава препознатлива меѓународна фолклорна традиција во Прилеп.

Слични Објави