(видео) Граѓани утрово спречија сечење на вториот јавор во дворот на ООУ „Кочо Рацин“

Утрово група граѓани го спречија сечењето на вториот јавор во дворот на ООУ „Кочо Рацин“ во Прилеп.

Откако беше донесена одлука за сечење и на второто дрво, граѓаните ги пречекаа екипите на „Комуналец“, кои требаше да го извршат сечењето. На местото беа и советниците во Советот на Општина Прилеп Жарко Стеваноски, Методија Костоски, Мирјана Стеваноска и Сузана Даркоска.

За да може екипата на „Комуналец“ да започне со работа, екипа на ЕВН накратко го исклучи напојувањето со електрична енергија. Но, откако на лице место беа посочени низа пропусти во постапката, електричната енергија набрзо беше повторно пуштена, по што екипата на „Комуналец“ се повлече и сечењето не беше извршено.

Од страна на адвокатот и советник Жарко Стеваноски се поднесени пријави до сите надлежни институции поради сомнежи за незаконитости во целата постапка за сечење на дрвјата.

Официјалното барање за сечење на двата јавора го поднела директорката на училиштето, со образложение дека треба да се реконструираат ракометното и кошаркарското игралиште.

Во разговор со граѓаните, директорката дополнително го образложила сечењето со тоа што смета дека лисјата од дрвјата претставуваат опасност за учениците, бидејќи можат да го направат просторот лизгав и децата да паднат и да се повредат.

Граѓаните, пак, реагираат дека дрвјата очигледно не пречат во реализацијата на реконструкцијата на спортските игралишта и поставуваат прашање зошто е потребно да се исечат јавори стари околу 70 години.

Тие велат дека не се против реконструкцијата на игралиштата, но не гледаат оправдана причина за уништување на долгогодишното зеленило.

„Никој разумен не може да разбере зошто треба да се исечат 70-годишни дрвја, ако тие не пречат во реконструкцијата на игралиштата“, реагираат граѓаните.

По денешниот исход, останува да се види што ќе утврдат надлежните институции по поднесените пријави и дали постапката за сечење на вториот јавор ќе продолжи.

Слични Објави