Вработување без врски? Започна примената на мерит-системот во јавната администрација

Министерството за јавна администрација, во партнерство со Мисијата на ОБСЕ во Скопје, ја промовираше новата рамка за вработување во јавниот сектор, со што започнува практичната примена на мерит-системот. Новиот модел предвидува кандидатите да се оценуваат според нивните компетенции, професионални способности и интегритет, со цел да се намали субјективноста и политичкото влијание при вработувањата.

Во рамки на настанот беа презентирани Правилникот за работните компетенции на административните службеници и Прирачникот за интервјуа базирани на компетенции, кои треба да воспостават единствени стандарди за избор на кандидати.

Министерот Горан Минчев порача дека реформите нема да бидат успешни доколку останат само на хартија, туку ако се применуваат доследно во институциите. Според него, новите механизми треба да обезбедат фер, транспарентни и објективни постапки за вработување.

Амбасадорот на ОБСЕ во Скопје, Килијан Вал, оцени дека новите правила ќе придонесат за избор на кадри според квалификации, испити и вештини, наместо според политички влијанија, што треба да резултира со посилни институции и поквалитетни јавни услуги.

Практичната примена на мерит-системот претставува дел од пошироките реформи во јавната администрација. Во изминатиот период Министерството најави дека новите законски решенија треба да придонесат за департизација, професионализација и воспоставување единствени критериуми за избор и напредување на административните службеници и високите раководители.

Слични Објави