Од денеска електрични тротинети само за лица над 18 години
Од денеска на сила стапуваат законските измени за електрични тротинети – само возрасни може да ги возат
Според новите законски одредби, електричен тротинет ќе може да управува исклучиво лице кое има наполнето 18 години, наместо досегашната старосна граница од 14 години. Со тоа, на малолетниците целосно им се забранува управување со електрични тротинети. Во случај на прекршок, следуваат високи парични казни за родителите или старателите, а во одредени случаи може да биде одземено и возилото.
Измените предвидуваат и намалување на максималната дозволена брзина на електричните тротинети од 25 на 20 километри на час на велосипедски патеки и велосипедски ленти. На тротоари, пешачки и мешани патеки останува ограничувањето од 6 километри на час.
Возачите на електрични тротинети при преминување на коловоз или пешачки премин, доколку нема велосипедска патека или лента, се должни да слезат од тротинетот и да го туркаат до преминувањето.
Новина е и забраната за превезување друго лице на електричен тротинет. Во случај на прекршок, санкции ќе бидат изречени и за возачот и за лицето кое се превезува.
Заштитниот шлем останува задолжителен за сите возачи на електрични тротинети, како и носењето рефлектирачки елек при ноќно возење или во услови на намалена видливост.
Со новите мерки, законодавецот има за цел да ја зголеми безбедноста на сите учесници во сообраќајот и да го намали бројот на сообраќајни незгоди во кои учествуваат електрични тротинети.



