„Рустика Вединг Хол“ повторно работи – конечните анализи не утврдија пропусти во кујната по случајот со труењето во Прилеп
Кујната на „Рустика Вединг Хол“ повторно е ставена во функција, откако завршија инспекциските контроли и лабораториските анализи по случајот со труењето во Прилеп. Од компанијата информираат дека со извршените проверки не биле утврдени санитарно-хигиенски или санитарно-технички недостатоци, ниту контаминација во кујната, работните простории и анализираните примероци од храната. Тие наведуваат дека целосно соработувале со надлежните институции и дека продолжуваат со работа со фокус на безбедноста на храната и квалитетот на услугите.
Конечните инспекциски контроли и лабораториски анализи потврдија дека не се утврдени санитарно-хигиенски или санитарно-технички недостатоци, ниту контаминација во кујната, работните простории и анализираните примероци од храната
Како „Рустика Вединг Хол“, компанија со долгогодишно искуство во обезбедување кетеринг услуги за голем број компании, институции и приватни настани, ја информираме јавноста дека, по завршувањето на инспекциските постапки и добивањето на конечните лабораториски наоди што следеа по случајот со труењето во Прилеп, нашата кујна повторно е во функција.
Од самиот почеток бевме посветени на целосна транспарентност и одговорност кон нашите клиенти, партнери и јавноста, поради што сакаме да ве информираме за исходот од спроведените инспекциски контроли и лабораториски анализи.
Сите досега спроведени инспекциски контроли и лабораториски анализи потврдија дека не се утврдени санитарно-хигиенски или санитарно-технички недостатоци, ниту контаминација во работните простории, кујната и анализираните примероци од храната. Дополнително, лабораториските анализи на примероците од храната не утврдија присуство на бактерии или друга контаминација, што потврдува дека во анализираните примероци не се констатирани отстапувања од пропишаните стандарди за безбедност на храната и важечките законски прописи.
Пред сè, искрено жалиме за непријатностите што ги претрпеа сите засегнати од овој настан. Искрено се надеваме дека сите кои беа погодени од случувањата се чувствуваат добро и дека оваа непријатна ситуација е зад нив.
Од самиот почеток целосно и транспарентно соработувавме со Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Центарот за јавно здравје – Прилеп, Институтот за јавно здравје и Агенцијата за храна и ветеринарство, овозможувајќи непречено спроведување на сите инспекциски надзори, лабораториски анализи и дополнителни проверки.
Во согласност со Националниот протокол за постапување при сомневање за труење со храна, веднаш беа преземени сите предвидени мерки, вклучително и привремена забрана за вршење дејност до завршување на инспекциските постапки и добивање на сите лабораториски резултати. Како општествено одговорна компанија, целосно ги почитувавме сите одлуки и препораки на надлежните институции, ставајќи ги заштитата на јавното здравје и транспарентноста на прво место.
Денеска, по исполнувањето на сите услови за продолжување со работа, повторно ги ставаме во функција нашите кујнски капацитети и продолжуваме да обезбедуваме кетеринг услуги со истата посветеност на квалитетот, безбедноста на храната и професионалните стандарди кои со години претставуваат темел на нашето работење.
Како компанија која својата доверба ја гради со години, остануваме доследни на принципите на професионалност, одговорност и високи стандарди за безбедност на храната. Континуирано инвестираме во системи за контрола на квалитетот, обука на персоналот и примена на сите законски и стручни протоколи, со цел на нашите корисници секогаш да им обезбедиме безбедна и квалитетна услуга.
Им благодариме на надлежните институции за професионалниот пристап и темелно спроведените инспекциски контроли и лабораториски анализи, како и на јавноста за трпението додека траеше процесот на утврдување на фактите.
Во интерес на јавноста и на сите засегнати, веруваме дека е важно институциите целосно да го расветлат случајот и да го утврдат причинителот и изворот на контаминацијата. Како и досега, „Рустика Вединг Хол“ останува целосно отворена за соработка и подготвена да обезбеди каква било дополнителна поддршка што ќе биде побарана од надлежните органи. Стои во соопштението



