„Ловец во ‘ржта’ оживува на сцената на прилепскиот театар – Кочовски најавува моќна приказна за бунтот на поединецот“
Во Театар „Војдан Чернодрински“ интензивно се одвиваат пробите за новата театарска претстава „Ловец во ‘ржта“, инспирирана од култниот роман на Џ. Д. Селинџер. Режијата ја потпишува Мартин Кочовски, кој најавува современо сценско читање на едно од најзначајните книжевни дела на 20 век.
Според Кочовски, претставата ќе понуди своевидна историја на подемот и падот на индивидуата – од средината на минатиот век до денес, но и визија за нејзината иднина. Во фокусот останува вечната тема за судирот меѓу поединецот и општеството, бунт кој, како што истакнува режисерот, никогаш не ја губи својата актуелност.
Драматизацијата е дело на Лидија М. Ѓорѓиевска, сценографијата ја изработува Филип Јованоски, костимограф е Јулијана Војкова, а музиката ја создава Пеце Трајковски – Брада. Во авторскиот тим се и Давид Скерлевски и Ана Митоска.
Во претставата настапува поголемиот дел од ансамблот на прилепскиот театар, а проектот е поддржан од Министерство за култура и туризам. Премиерата е закажана за средината на јули, со што ќе биде заокружена актуелната театарска сезона.



