|

Рајската градина за украсни птици во Паркот на Револуцијата – Могила добива нов лик

Во тек е целосна реконструкција на Рајската градина за украсни птици во Паркот на Револуцијата – Могила, еден од омилените простори за рекреација и прошетка, особено меѓу најмладите прилепчани.

Во рамки на обновата е извршено целосно кастрење на дрвјата и темелно чистење на просторот, а обновени се и клупите и корпите за отпадоци, со што се создава поуредна и попријатна средина за посетителите.

Паралелно се реконструираат и кафезите за птиците, со цел да се обезбедат подобри услови за нивно чување. Надлежните најавуваат дека Рајската градина наскоро ќе биде збогатена со нови украсни птици, кои ќе внесат дополнителна живост и привлечност во овој уникатен парк.

Од локалната самоуправа потсетуваат дека овој простор со години бил едно од најпосетуваните места за семејствата со деца, но по неколкуте кражби, угинувањето на дел од птиците и намерното уништување на инвентарот, градината подолг период била запоставена.

Обновата ја реализираат ЈКП „Комуналец“ – Прилеп во соработка со Општина Прилеп, како дел од пошироките активности за уредување на јавните површини и создавање подобри услови за одмор, рекреација и дружење на граѓаните.

Од општината најавуваат дека уредувањето ќе продолжи и во останатите паркови, со цел, како што велат, „парк по парк“ да се создаде почиста, позелена и поубава урбана средина во Прилеп.

Слични Објави