|

Градоначалниците од Пелагонија во посета на Швајцарија и Холандија – Размена на искуства за одржлив развој, екологија и локални политики

Градоначалници од сите општини во Пелагонискиот регион, меѓу кои и градоначалникот на Прилеп Дејан Проданоски, заедно со претставници на институции и бизнис секторот, во изминативе денови престојуваа во Швајцарија и Холандија во рамки на две студиски посети посветени на размена на искуства и унапредување на локалниот развој.

Посетите беа реализирани со цел запознавање со современи европски практики во областа на одржливиот развој, заштитата на животната средина, иновациите и креирањето политики за младите.

Во рамки на официјалната посета на Општина Ешалан во Швајцарија, делегацијата оствари средби со градоначалникот Серж Борник, претставници на локалните институции, политички чинители и претставници на македонските здруженија.

Разговорите беа насочени кон локалниот развој, заштитата на животната средина и можностите за идна соработка меѓу општините.

Делегацијата посети повеќе објекти и системи за управување со ресурси, меѓу кои пречистителна станица за отпадни води, центар за одржување зелени површини и центар за селекција и рециклирање отпад.

Како што беше посочено, станува збор за примери на ефикасно и одржливо управување со животната средина, кои можат да се применат и во локалните заедници во Македонија.

Во рамки на посетата беше одбележана и манифестацијата „Македонски денови“, каде беше промовирана македонската култура и традиција, а делегацијата оствари средби со македонската дијаспора во Швајцарија.

Втората студиска посета се реализираше во Холандија, во организација на „Про Локал“, во рамки на проектот ПЕЛО, поддржан од Амбасадата на Кралството Холандија.

Во посетата учествуваа градоначалниците од сите општини во Пелагонија, претставници на институции и бизнис секторот, со цел размена на искуства и запознавање со европски модели на одржлив развој и иновации.

Во Амстердам беа презентирани примери за трансформација на поранешни индустриски зони во современи одржливи и иновативни центри.

Во Хаг делегацијата оствари средба со градоначалникот Јан ван Занен, при што се разговараше за климатските промени, управувањето со отпад, локалниот економски развој и подобрувањето на условите за младите.

Посетени беа и Асоцијацијата на холандски општини, Академијата за локално управување, иновацискиот центар Titaan Hub и Техничкиот универзитет во Делфт.

Од посетите беше истакнато дека развојот на локалните заедници се темели на партнерства, визија и примена на добри европски практики.

Искуствата од Швајцарија и Холандија ќе послужат како основа за идни иницијативи насочени кон унапредување на квалитетот на живот на граѓаните во Прилеп и Пелагонискиот регион.

Слични Објави