НЕ СЕ ИЗГЛАСА ПРЕДЛОГОТ МИНИСТРИТЕ ДА ИМААТ САМО МАКЕДОНСКО ДРЖАВЈАНСТВО
Пратениците од владејачките партии ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН денеска не го поддржаа предлогот на СДСМ по скратена постапка да се донесат измени на Законот за Владата, со кои премиерот, министрите и замениците-министри би можеле да поседуваат исклучиво македонско државјанство.
Предлогот доби поддршка од само 20 пратеници, иако во салата беа регистрирани 84 народни избраници.
Од СДСМ реагираат дека истовремено во собраниска процедура не се става ниту предлог-законот поднесен од ВМРО-ДПМНЕ, со кој и за пратениците се предвидува услов да немаат друго државјанство освен македонското.
Од ВМРО-ДПМНЕ посочиле дека законот за пратеници не се разгледува бидејќи пратеници од албанскиот политички блок најавиле блокада. За денешното негласање на предлогот на СДСМ, од пратеничката група на владејачката партија изјавиле дека не биле консултирани и дека постоеле најави за проверка на уставноста на ваквото законско решение.
Пратеникот Оливер Спасовски од собраниската говорница изјави дека целта на предлогот е воспоставување еднакви критериуми за сите избрани и именувани функционери.
„Ако таков услов се поставува за пратениците, тогаш аналогно треба да важи и за членовите на Владата“, рече Спасовски.
Тој посочи и дека јавноста веќе има информации за функционери со странски државјанства.



