Алкалоид донира 15 милиони денари и доделува стипендија за херојот Јован Костадинов
Компанијата Алкалоид АД Скопје се приклучи кон масовната акција за помош на настраданите во трагичниот пожар што го зафати Кочани, донирајќи 15 милиони денари преку Црвениот крст на Република Северна Македонија. Финансиската помош е наменета за поддршка на граѓаните погодени од несреќата и нивните семејства.
„Со длабока почит кон сите што покажаа хуманост во овие тешки моменти, ја упатуваме нашата поддршка на настраданите. Веруваме дека солидарноста и заедничките напори се клучни во надминувањето на ваквите трагедии“, соопштија од компанијата. Алкалоид изрази благодарност до Црвениот крст и неговите 165 ангажирани волонтери, кои активно учествуваа во справувањето со последиците од пожарот. Покрај тоа, компанијата упати признание и до здравствените професионалци во земјава, регионот и Европа, кои несебично ги ставија на располагање своите ресурси и знаења во спасувањето на животите на повредените.
„Секој несебичен гест и секој вид на поддршка значат многу во вакви моменти. Искрено сочувствуваме со семејствата на жртвите и посакуваме брзо закрепнување на сите повредени“, истакнаа од Алкалоид. Компанијата потсети дека од 16 март наваму во неколку наврати донирала медицински производи на здравствените установи во Македонија, во согласност со нивните потреби. Во духот на својата традиција на општествена одговорност, Алкалоид најави дека ќе продолжи да помага онаму каде што е најпотребно.
Покрај финансиската помош, компанијата додели и четиригодишна стипендија од 18 илјади денари месечно на младиот херој од Виница, Јован Костадинов, кој покажа неверојатна храброст спасувајќи 21 лице од пожарот во Кочани. „Понекогаш, дури и најмалиот гест на солидарност или утеха може да направи огромна разлика. Остануваме посветени на поддршката на заедницата“, порачаа од компанијата. Оваа донација е уште еден показател за важноста на заедништвото и хуманоста во време на криза, а Алкалоид ја истакнува својата заложба за континуирана помош на оние на кои им е најпотребна.