Со љубов и посветеност – „Ѕуница“ прослави 24 години постоење
Дневниот центар „Ѕуница“ денеска одбележа 24 години постоење и работа, испраќајќи порака на благодарност до сите кои во изминатите години биле дел од нивната мисија за поддршка и грижа.
По повод годишнината, од центарот истакнаа дека и понатаму ќе продолжат со љубов и посветеност да се грижат за корисниците, како и да обезбедуваат поддршка за нивните семејства.
„Благодарност до сите кои беа со нас овие 24 години, ние ќе продолжиме и во иднина со љубов и грижа за корисниците и поддршка за семејствата“, порачаа од „Ѕуница“.
Дневниот центар „Ѕуница“, кој секојдневно се грижи за благосостојбата на децата и лицата со попреченост, организира различни активности и настани со цел нивно активно вклучување во општествениот живот, како и обезбедување поддршка во развојот на нивните способности и вештини.
Во текот на своето долгогодишно работење, центарот претставува значајна поддршка за многу семејства, обезбедувајќи грижа, едукација и социјализација за своите корисници. Одбележувањето на 24-годишнината помина во духот на заедништво, благодарност и надеж за уште многу успешни години работа.







