За поубав Прилеп – Пролетни акции на „Комуналец“, поправка на клупите и повик за одговорност
Јавното комунално претпријатие „Комуналец“ во текот на изминатата недела продолжи со интензивни пролетни активности насочени кон подобрување на урбаниот изглед на градот.
Покрај редовното одржување на јавната хигиена и зелените површини, екипите на претпријатието работеа и на замена на оштетените и дотраени штафни на парковските клупи. Овие интервенции се дел од пошироките напори за зголемување на функционалноста и безбедноста на јавниот простор, особено во парковите и рекреативните зони кои се почесто се користат во пролетниот период.
Од „Комуналец“ упатија апел до граѓаните, а особено до младите, да покажат повисоко ниво на одговорност и грижа кон јавните добра.
„Само со заеднички напор можеме да изградиме чиста, уредена и зелена средина каква што заслужува Прилеп“, порачуваат од претпријатието.
Локалните власти и комуналните служби најавуваат дека ваквите активности ќе продолжат и во наредниот период, со цел одржување и унапредување на квалитетот на живот во градот.





