Млади волонтери работат на намалување на стигмата кај повозрасните лица
Со силна порака дека староста не треба да биде време на осаменост, туку период исполнет со внимание, почит и човечка топлина, млади волонтери од СОУ Ѓорче Петров – Прилеп преку проектот OLD BUD GOLD активно работат на намалување на стигмата и подобрување на квалитетот на живот на повозрасните лица.
Тимот GERIO HELP, составен од пет девојчиња кои го координираат проектот и 14 посветени волонтери, реализира низа активности насочени кон градење меѓугенерациска солидарност, разбирање и почит. Нивната работа е поддржана од LEAD, организација која ги охрабрува младите да бидат активни носители на позитивни општествени промени.
Работилница во старскиот дом – ЈОУ Кире Крстески Платник

Првата работилница се одржа во старскиот дом при ЈОУ Кире Крстески – Платник во Прилеп. Активностите започнаа со интерактивно запознавање, по што следеше презентација за здрави животни навики. Потоа беше организиран квиз, при што учесниците со најдобри одговори добија сертификати.
Работилницата продолжи со когнитивни игри – шах, домино, „Не лути се човече“ и меморија -картички со предмети од минатото. Учесниците имаа можност да пополнат семејно стебло, потсетувајќи се на своите корени и семејни приказни. Настанот заврши со пријатна музичка атмосфера со хармоника.

Информативен штанд и активности во центарот на Прилеп


Во центарот на градот Прилеп волонтерите поставија информативен штанд и поделија 100 брошури со совети за здрав живот.
Граѓаните имаа можност бесплатно да го измерат својот крвен притисок.
Посебно внимание привлече активноста „Временска машина“, каде повозрасните лица ги запишуваа своите најубави спомени од детството и ги оставаа во симболична кутија.
Работилница со Центар за развој и едукација и Здружение на пензионери Преродба
Во соработка со Здружението Центар за развој и едукација и Здружението на пензионери Преродба беше реализирана работилница исполнета со едукативни и креативни активности. Учесниците дополнуваа започнати реченици со свои мислења, цртаа или пишуваа за нешта што имаат најголемо значење во нивниот живот, а дел од времето беше посветено на когнитивни игри.
Волонтерите поделија и рачно изработени новогодишни честитки, а работилницата заврши со музичка атмосфера со хармоника.


Празнична посета и новогодишни честитки
Во пресрет на новогодишните празници, тимот го посети старскиот дом ЈОУ Кире Крстески – Платник, каде на повозрасните лица им подели новогодишни честитки и им посака здравје, радост и топлина во празничните денови.

Претставување на активностите пред гости и институции
Младите волонтери ги претставија своите активности и волонтерска мисија во просториите на Дневниот центар за активно стареење.
Тие го претставија своето училиште и волонтерските активности пред претставници од Австриската амбасада, како и пред градоначалниците на општините Прилеп, Кривогаштани и Градско.

Работилница по повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената
По повод Денот на жената беше организирана посебна работилница посветена на значењето и улогата на жената во општеството.
Волонтерите зборуваа за историското значење на жената и борбата за нејзините права.
Во интерактивна активност, волонтерите читаа зборови кои ги симболизираат основните карактеристики на жената, а повозрасните учесници пишуваа пораки и вредности што сакаат да им ги пренесат на помладите генерации.
Настанот заврши со позитивна музичка атмосфера изведена од училишниот бенд The Doctors, а на присутните жени им беа подарени рачно изработени цветови од хартија.
Преку сите овие активности, младите волонтери испраќаат јасна порака: повозрасните лица не се само дел од минатото, туку живо богатство на искуства, спомени и мудрост. Нивните приказни се мост што ги поврзува генерациите и потсетник дека едно општество е силно онолку колку што ги почитува своите најискусни членови.




