Прилеп го доби првото од девет нови комунални возила за собирање отпад
Општина Прилеп го презеде првото од вкупно девет специјализирани комунални возила наменети за собирање и транспорт на отпад. Возилото е обезбедено преку Министерството за животна средина и просторно планирање, во рамки на Регионалната програма за управување со цврст отпад.
Станува збор за камион со капацитет од 8 кубни метри, кој е дел од поголема набавка за Пелагонискиот и Југозападниот регион. Во наредниот период, според најавите, ќе пристигнат уште осум возила за потребите на Прилеп.
Покрај првото возило, планирана е испорака на уште пет комунални камиони со капацитет од 12 кубни метри, едно дополнително возило од 8 кубни метри и два помали камиони со капацитет од 6 кубни метри.
Во рамки на истиот проект, за општината се обезбедуваат и 8.318 канти за селекција на отпад, како и 126 контејнери од 1,1 кубен метар за собирање мешан и селектиран отпад.
Проектот е дел од регионалниот систем за управување со цврст отпад, кој опфаќа 18 општини од Пелагонискиот и Југозападниот регион. Вкупната вредност на инвестицијата изнесува 11 милиони евра, а се реализира со поддршка на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).
Целта е воспоставување на поефикасен и одржлив систем за управување со отпад, подобрување на јавната хигиена и намалување на загадувањето.


