Kолку ги чини прилепчани тоа што општината ги „послуша“ за ивичњаците?
Градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски, на Фејсбук информираше дека по барање на жителите, институциите и деловните субјекти на улицата „Александар Македонски“ се направиле корективни зафати на патната инфраструктура.
Според неговата објава, иако улицата била изградена минатата година, во пракса се покажало дека поставените ивичњаци го отежнувале паркирањето и создавале пречки во секојдневното функционирање на овој дел од градот. Поради тоа, општината извршила замена на ивичњаците и нивелирање на шахтите, со цел да се обезбеди подобра пристапност и поголема безбедност.
Проданоски најави дека во следната фаза ќе се реализира и уредување на тротоарите, со што дополнително треба да се подобрат условите за движење и безбедноста на пешаците.
Но, се поставува прашањето: колку ги чини прилепчани тоа што општината ги „послуша“?
Улицата беше реконструирана минатата година, а сега повторно се интервенира со нови зафати. Колку средства се трошат за корекции на веќе изведени работи и дали некој ќе сноси одговорност ако првичното решение било несоодветно?


