ОД 1 ЈАНУАРИ СТРУЈАТА ЌЕ ПОСКАПИ ОД 2,45% ДО 3,84%
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) изврши корекција на предлог-одлуката за финалната цена на електричната енергија поднесена од универзалниот снабдувач „ЕВН Хоме“, со што од 1 јануари 2026 година граѓаните ќе плаќаат значително пониски цени од првично предложените.
Наместо зголемување од 7,66 проценти во првиот блок, како што бараше снабдувачот, РКЕ одлучи цената да се коригира за 2,45 проценти. Во вториот блок поскапувањето ќе изнесува 2,87 проценти, наспроти побараните 8,54 проценти. Во третиот блок цената ќе се зголеми за 3,32 проценти, а во четвртиот блок за 3,84 проценти, што е далеку под првично предложените 9,63 и 11,86 проценти.
Кај евтината тарифа, корекцијата ќе биде 2,50 проценти, иако „ЕВН Хоме“ бараше зголемување од 3,96 проценти.
Според претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, регулаторните анализи покажуваат дека сметките на домаќинствата кои користат електрична енергија во првиот и вториот блок ќе се зголемат во просек за 2,59 проценти, додека кај домаќинствата со потрошувачка и во третиот блок зголемувањето ќе изнесува околу 2,79 проценти.
Од РКЕ посочуваат дека иако универзалниот снабдувач го применил тарифниот систем, во предлог-одлуката не бил испочитуван клучниот принцип за урамнотежување на интересите на компаниите и потрошувачите. Целта на интервенцијата на регулаторот, како што наведуваат, е заштита на граѓаните од ценовен шок.
Податоците на комисијата покажуваат дека 64 проценти од домаќинствата се во првиот блок на потрошувачка, додека речиси 21 процент користат електрична енергија и од вториот блок.


