Танци од Мексико, Грузија и Индонезија вечерва во Новаци
Вечерва со почеток во 21 часот, дворот на Општина Новаци ќе биде домаќин на фестивалскиот караван на реномираниот фолклорен фестивал „Илинденски денови 2025“. Настанот ќе понуди незаборавна вечер исполнета со традиција, ритам и културно наследство од различни делови на светот.
На сцената ќе настапат домаќините – МГА „Везилка“ од Новаци, како и фолклорни ансамбли од далечниот Мексико, културно богатата Грузија и егзотичната Индонезија. Присутните ќе имаат можност да уживаат во традиционални песни, танци и игри кои ја отсликуваат уникатната културна историја на секоја земја-учесничка.
Настанот е дел од официјалната програма на фестивалот „Илинденски денови“, кој секоја година ја збогатува културната сцена со автентични изведби и интернационална уметничка размена.
Организаторите ги повикуваат сите љубители на фолклорот и културното богатство да го посетат овој посебен настан.


