Пожар го зафати Паркот Езерани – се бара помош за спас на природното богатство
Паркот на природата Езерани, едно од највредните заштитени подрачја во Македонија, од ноќеска е зафатен од голем и неконтролиран пожар. Областа, која се наоѓа на северниот брег од Преспанското Езеро, е позната по богатата биолошка разновидност и уникатните екосистеми, но сега се соочува со сериозна еколошка катастрофа.
Од Македонското еколошко друштво алармираат за сериозноста на ситуацијата, повикувајќи на итна интервенција:
„Преспа утрово повторно се разбуди обвиена во чад по деноноќното уништување предизвикано од неконтролираниот пожар во Паркот на природата Езерани. Ова заштитено подрачје важи за едно од најзначајните подрачја за биолошка разновидност во Преспанскиот регион и во државата, дом на голем број растителни и животински видови кои во моментот се жртва на пламените јазици.“
Покрај уништувањето на природната флора и фауна, пожарот претставува закана и за квалитетот на живот во Преспа. Локалните овоштарници и приватни поседи во околните населени места се директно загрозени, а состојбата на самото езеро дополнително се влошува.
И покрај мобилизацијата на сите локални капацитети, пожарот сè уште е надвор од контрола. Од МЕД додаваат:
„Потребна е дополнителна помош од надлежните институции! Брзата реакција е неопходна за спас на Езерани!“
Локалното население стравува од ширење на огнот, а еколозите предупредуваат дека последиците од овој пожар ќе се чувствуваат уште долго. Очекувањата се дека државните институции ќе реагираат итно за да го спречат целосното уништување на ова исклучително значајно природно подрачје.



