Забрзано се гради автопатот Прилеп – Битола: Дали ќе се заврши во предвидениот рок?

Со полна динамика продолжуваат градежните работи на автопатската делница Прилеп – Битола, дел од коридорот 10д, која треба да обезбеди побрзо, побезбедно и стратешки важно поврзување меѓу пелагониските градови и сообраќајната мрежа на југот, сè до границата со Грција.

Станува збор за Секција 4 од овој правец, која опфаќа 41 километар, а веќе се работи на првите 10 км. Делницата ќе вклучува 10 мостови, 16 надвозници и 6 подвозници, со над 5 милиони м³ ископ и 4 милиони м³ насипен материјал. Работните фронтови се прошируваат и кон Прилеп и кон Битола, а се работи паралелно и на експропријација, проектирање и археолошки истражувања.

Во работна посета на теренот беа градоначалниците на Прилеп, Битола и Могила. Според прилепскиот градоначалник Борче Јовчески, овој проект е од клучно значење за целата Пелагонија, бидејќи ќе овозможи побрз пристап на жителите од руралните средини кон градовите, ќе ја подобри поврзаноста со индустриските зони, како Жабени и ТИРЗ Прилеп, и ќе го стимулира економскиот развој.

„Со овој автопат ќе ги доближиме селата до урбаните центри, ќе ги мотивираме инвеститорите да дојдат во регионот, и ќе ја поттикнеме економијата, туризмот и протокот на стоки и луѓе. Апелирам до возачите за трпеливост, поради градежните активности,“ рече Јовчески.

Битолскиот градоначалник Тони Коњановски потенцираше дека оваа делница има потенцијал да стане стратешки коридор кој ќе го поврзе Пелагонија со Грција, преку клучката Могила, на само 17 километри од границата. Тој оцени дека проектот има национално значење и претставува нова перспектива за задржување на младите и отворање нови можности за регионот.

„Пелагонија, која долги години беше запоставена, сега конечно добива шанса за вистински инфраструктурен пробив,“ нагласи Коњановски.

Проектот го водат „Бехтел и Енка“, а според проектниот менаџер Џошуа Бејкер, оваа делница значително ќе го намали времето на патување и ќе создаде трајна врска за луѓето и бизнисите во регионот и пошироко.

Според договорот, изградбата треба да заврши 2027 година

Слични Објави