„Архитектурата утре“ – четврта годишна средба на архитекти во Офицерски дом во Битола

Во организација на Комората на овластени архитекти и овластени инженери, во Офицерскиот дом во Битола се одржа четвртата годишна средба на архитекти и архитекти урбанисти. Годинешната тема на настанот е „Архитектурата утре“.

На средбата свое обраќање имаа претседателот на Комората, Дејан Метикош, како и градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, кој ја истакна важноста на архитектурата како директен фактор за квалитетот на животот на граѓаните.

„Инспириран од темата на оваа годишна средба, сакам да ви порачам да останете креативни во архитектурата на утрешнината, затоа што вашиот потенцијал му е потребен на целото општество. Зградите што ги создавате, улиците и плоштадите што ги планирате, парковите кои ги осмислувате се дел од нашето секојдневие – каде што живееме, работиме, учиме и се рекреираме. Колку е поквалитетен просторот околу луѓето, толку е поквалитетен нивниот живот и нивното здравје“, истакна Коњановски.

На настанот учествуваат голем број домашни и меѓународни експерти, кои преку предавања ги презентираат своите визии за развојот на архитектурата во блиска иднина.

Во рамките на средбата ќе се одржи и проекција на документарниот филм „Начинот на Чипан“, посветен на еден од најзначајните македонски архитекти.

Слични Објави