Затворени се салата во Центарот за култура „Марко Цепенков“ и киното „Мис Стоун“ во Прилеп, поради сериозни безбедносни пропусти
Надлежниот инспектор од Дирекцијата за заштита и спасување донесе одлука за затворање на салата во Центарот за култура „Марко Цепенков“ и киното „Мис Стоун“ во Прилеп, поради сериозни безбедносни пропусти. Според информациите, внатрешната хидрантска мрежа во целиот објект не функционира, а ѕидните приклучоци немаат потребна опрема. Дополнително, системот за автоматско откривање на пожар иако постои, не е целосно опремен и не е во функција.
Во Центарот за култура, резервниот агрегат за електрична енергија е неисправен, а не работат ниту електромоторите што ја креваат завесата на сцената. Проблем претставуваат и влезно-излезните врати зад сцената, кои се отвораат спротивно од правецот на евакуација. Дополнителен ризик е присуството на стар радиоактивен громобран кој со години не е сменет, а потребно е негово демонтирање и поставување нов.
Во киното „Мис Стоун“ е утврдено дека нема вградена хидрантска мрежа, а недостаток е и тоа што нема дополнителна резервна излезна врата. Сите документи за состојбата на објектите се доставени до Министерството за култура, од каде се очекува одговор за натамошните чекори во најкус можен рок. И покрај затворањето на салата, останатите простории во Центарот за култура „Марко Цепенков“, како фоајето и галеријата, ќе останат отворени за јавноста и организирање настани.



