| |

Задушница – ден на сеќавање и почит кон најблиските

Задушница, во народот позната и како Мртва сабота или Мртвени дни, претставува денови посветени на сеќавањето и молитвата за починатите. Според древните народни верувања, токму на овој ден душите на предците и блиските доаѓаат од „оној свет“ да ги посетат своите најмили. Затоа, луѓето ги почестуваат со храна, пијалок и свеќи, верувајќи дека нивното заборавање може да донесе несреќи, немаштија или болести.



Традицијата предвидува посета на гробиштата, каде што се палат свеќи, се врши кадење на гробовите, се рони жито, се посипува вино и се дели лепче и храна „за душа“. Во народната култура постојат повеќе задушници, но народот најмногу ги празнува пролетната и есенската задушница, кои се прифатени и од православната црква.

Црковна традиција

Во Православната црква, есенската Задушница секогаш се одбележува во саботата пред празникот Митровден. Во сите храмови се служи литургија за упокоените, а верниците одат на гробиштата да одржат помен за своите починати.

Постојат два вида задушници – општи и семејни. Семејните ги организираат блиските во чест на нивните роднини, додека општите ги одредува црквата и се посветени на молитва за сите упокоени верници. Всушност, секоја сабота во православната традиција е ден за молитва за починатите.

Фото: Википедија

Слични Објави